Интервју со Драгана Тодорова

Пред нас денес го имаме новото издание на сказната во стихови „Морска кавга“, а наш соговорник е авторката Драгана Тодорова, ученичка во ООУ „Лазо Трповски“, Скопје.

 

Драгана, од каде желбата за пишување?

Љубовта кон сликовниците, басните, сказните некако ми е вродена, зашто во моето семејство се негува пишаниот збор и моите родители постојано не насочуваат мене и мојот брат кон читањето книги. Кога тргнав в училиште, мојата наставничка од прво одделение го забележа мојот талент за уметност, па така неколку мои цртежи се најдоа на страниците на детското списание „Чекорче“. Некако чувствував желба она што го цртам да го опишувам, објаснувам, односно да создадам приказна. Понатаму во текот на школувањето се повеќе се запознавав со убавината на литературата и почнав да се обидувам да пишувам стихови. Една од моите песни се најде и на страниците на детското списание „Развигор“, а песната „Јас ја сакам чиста планета“ оваа година беше наградена во рамки на проектот „Градиме мостови“. Дел од моите песни се најдоа и во „Зборник на поетски творби“ објавен на веб-страницата: www.santostef.com.mk.

 

Што те поттикна да пишуваш за морските животни?

Иницијативата за пишување сказна во стихови на тема „Во водените пространства“ потекна од моите наставници, кои го организираа учеството на нашето училиште на 6. меѓународен училиштен натпревар во Берлин на тема „Во водените пространства на нашата планета“. Затоа што го сакам морето и интересен ми е морскиот животински свет, за кој малку учиме, истражував и ги запознав ликовите од мојата сказна. Потоа направив приказна за кавгата, горделивоста, помагањето, другарството и така ја создадаов мојата сказна во стихови.

 

Запознај нè накратко со настаните во твојата сказна?

За главни ликови ги избрав октоподот и малиот морж. Тие се всушност носители на дејството. Околу нив се и мајката на Мите, малиот морж, рибата со тетоважа, морското коњче, ракчето и, секако, морската флора. Сказната започнува со повик читателот да се нурне во длабочините на морето и да види што се случува таму. Преку ликот на октоподот е предадаена една негативна човечка особина, а тоа е горделивоста и навредувањето на другите, додека, пак, преку ликот на малиот морж е предадена искреноста, невиноста и храброста на најмалите, на децата, кои се подготвени секогаш и без разлика на сè да помогнат. На крајот, во духот на пријателството, кавгата завршува со смитување и признавање на вината.

 

Освен јасната нарација, кои поетски украси ги употреби?

Јас се трудев пред сè да пренесам јасна порака: Не треба да се омаловажуваат другите, зашто не се знае кој и кога може да ти помогне. Оваа сказна ја пишував пред 3 години, кога се трудев да има рима, зашто само тоа ми беше познато од поетските украси. Сега можам да ви кажам дека од стилските фигури застапени се: персонификација, епитет, метафора.

 

Дали ќе продолжиш со пишување, можеби на некоја збирка раскази или роман?

Се надевам. Јас го сакам пишувањето и ќе продолжам да творам. Благодарение на Друштвото „Санто Стеф – С“ мојот труд доби промоција. Можам да ја највам и следната моја сказна во стихови „Џинот претседател“. Голема благодарност и до г-а Снежана Тодорова, илустраторката на првото издание на мојата сказна и до   г-а Соња Димовска, илустраторката на ова издание.