Летна жега – Славица Тодорова

Сонцето: Зраците мои силно печат, кон планина, езеро и море, луѓето ги влечат.

Штурецот: Навистина, каква жега, мора некаде да се бега.

Мравката: Под некоја сенка, лад да бараме, додека сончко не замине, малку да одмараме.

Сонцето: (се смее) Секако, во лад бегајте сега, а ти штурчо засвири некоја песна, така жештината ќе ви биде полесна.

(се засолнуваат во сенката под стог сено)

Мравката: Гледај, Штурчо, овде многу храна има, ајде да собереме малку за да не нѐ боли глава кога ќе дојде зима.

Штурчо: Ама, ајде, мравке вредна, не биди толку бедна. Види дури и комбајнот одмара во ова попладне жешко, моторот го исклучил зашто и нему му е тешко.

Комбајнот: Еј, пријателчиња мали, за што зборувате вие?

Штурчето: (збунето) Па, јас мислев дека спиеш.

Комбајнот: Не, не спијам јас, туку одмарам додека да дојде мојот возач. Во лето житото се збира, за во зима луѓето да спијат намира.

Мравката: Ти велам, штурчо, она што можеш денес, не оставај го за утре, зашто што ќе си посееш тоа ќе жнееш.

Штурчето: Хм, и во зима јадење има.

(Од зеленчуковата градина)

Доматот: Има, има, ама само ако не набереш в лето, зашто сега овошјето и зеленчукот се бере, се подготвува и в зима се јаде она што природата в лето ќе го даде.

Пиперката: Така е, штурчо, в лето сите растенија даваат плодови сочни, со кои сите се сладат додека под сенка се ладат. Ама убаво ти вели вредната мравка, ако сакаш в зима да не бидеш гладен, за работа треба да се фатиш.

(Од овошната градина)

Праска: И ние овошките в лето род даваме, праски, кајсии, круши, сливи на сечија маса ставаме.

Мравката: Не знам штурчо за тебе, ама јас се грижам за себе. Сонцето малку стивна, а и возачот дојде и комбајнот да жнее појде. Од житното поле, од зеленчуковата градина, од овошната градина јадење ќе си соберам јас и нема да чекам повеќе ни час.

Штурчо: Мравке, друшке моја верна, јас ќе ти помогнам: од мојата виолина песна ќе леам и на сиот глас ќе ти пеам, така работата ќе ти биде лесна, а в зима ќе те потестам на мојата песна.

(Штурчо свири).

Автор: Славица Тодорова