Нашето постоење – Рената Пенчова

Будно,меко ги отворам страниците на душата.
Срцето до корен гори од голтнатите кнедли и растворените, отровни зборови.
Лепливи траги од минатото ги будат полуживите клетки полни радост.
Просветлени мисли ги допираат ранетите крилја на спомените.
Продолжува уништувањето на пулсот на времето,
тактот на стравот и тупотот на болката.
Спијам во поместување, во постелата на изгорот,
а сепак чекорам во безграничноста на разумот.
Ги вкусувам исушените, стари стебла на задоволство,
повторно ја чувствувам сочноста и меката блажина на незаборавот.
Поминувајќи низ фазите на заздравување,
патувам низ непостоечките призми на сончевината.
Памучни зрна скриени во бесконечноста,
создаваат стадиум на созревање и песочно ветување.
Исплаканите солзи,невратените ноќи, недоримуваните зраци спијат во долгите, студени денови и носат исцедени, задоцнети доаѓања без ехо.
Во древната колевка на бакнежот се лула топлината
и таму утринските камбани жаруваат нов спокој.
Се поврзувам со мостот на три галаксии,
и ги ловам бреговите на спасение.
Изморена, жива, осамена  се сплотувам со акордите на тишината
и изгревам од папокот на разумот.
Се соголува и последната интима на денот,
а во срцето се разлеваат мастилните,шепотни силуети на виножитото.
Ноќва душава ми е матка,
во која се вгнездуваат вжештените, врзани, елегантни емоции.
Тивкиот призвук на болот се скаменува,
во скутот на бурното зајдисонце,
исчезнува како босоноги стапалки на старото, одминато, сонливо лето.
Освежени ноти ја убиваат расцутената тага
и зборуваат за себесознавањето.
Занесно молитвата на љубовта се шири во засечените рани
и неотповикливо забременува во центарот на убавината.
Накалемена исполнетост влегува под кожа,
ги омекнува забрзаните олицетворениа и нашите погледи на гледање.
Во самракот на утехата  талка жешкиот воздух низ измешаните чувства во неговите багремови очи и низ наивните, недоживеани сказни.
Пијани, милозвучни, брановидни вибрации се пренесуваат
во моето ново срцебиење и низ коските на времето.
Во тајните скривници и дамарите на душата
нескротливо се открива прапочетокот и наследството на мудроста,
се открива историјатот на оформените чувства.
Тогаш доживувам издвојувана себепобеда, крунисана љубов која ги поврзува моите душевни импулси.
Ги надживувам илјадите соголени, испапчени таги
меѓу три пролетни рамноденици,
се надживувам себе си.
Во срцевото жариште се оплодува виорот на вселената,
во мене восхитно парче на среќа,
а во тебе мојата неспоредлива симфонија на опојната невиност.
Сега љубовта, мирот, младоста е во нашите тенки вени.
Твојот смолкнат гест,твоите очи ги галат осамените,живи рани.
Ја чувствувам крштевката на вкрстените погледи,
изворот на свилениот молк и ризницата со засладени тонови на љубов,
како мирно се развлечуваат и заспиваат во муграта на зимскиот ден.
Затоа те молам остани ми боја од магија,
сонце во сончоглед или пурпурен трепет во свежина.
Во предвечерието на слободата ненаситна таинственост се стиснува меѓу течните запирки на песната.
Во тебе и во мене гори врело чувство за една недовршена игра во пролет.
Во мене и во тебе се возобновува судбинската тапија на вечноста.
Љубовта не’ прави посилни и посреќни.

Автор: Рената Пенчова