Одминување – Рената Пенчова

Во паузите на верувањето,
во љубовните расчекори
одминуваш низ ветриштата,
одминуваш без размена на тишините.
Одминуваш без збор,
без да ја дочекаш сеидбата на иднината,
без да се напиеш од кладенецот на вистината.
Помеѓу едначењето и непосредноста,
се впиваш во тантелните трепети
и во потеклото на старата тага.
Одминуваш низ млазните воздушни струи,
низ видените и невидените копнежи.
Секогаш се скриеш меѓу течната запирка и точката,
помеѓу доримуваните и незавршените стихови.
Одминуваш пред запретаниот здив, пред вкочанетиот збор,
во тврдиот свод на мирување.
Спиеш во плачот на бесвремето,
во напластените страсти,
во стеснетиот круг на лагата.
Одминуваш пред течението на поразот
не застануваш ни до расцутот на надежта.
Одминуваш, а зад себе оставаш
прегратка на изгор.

Автор: Рената Пенчова