Повкусно е вака – Славица Тодорова

На масата седам, во чинијата гледам –
тенка боранија зелена на две поделена.
Гледам и се прашувам како да ја јадам,
се вртам наоколу, сакам некому да ја дадам.

Виде мама дека не сакам да јадам,
дека се прашувам кому чинијата да ја дадам:
– Аха, не ја сакаш боранијата зелена,
па дури и кога е на два дела поделена.

Ама знае мама што треба да прави,
кое парче зеленчук каде да го стави:
шапка од грашок и очиња од маслинки црни
а над нив веѓи зелени од парчињата поделени.

– Мммммм… вкусно изгледа сега, реков јас,
а тато, бато и дада се насмејаа на сиот глас.
– Навистина, повкусно е кога е наредно вака,
секој ќе јаде со задоволство, без никаква мака!

Автор: Славица Тодорова