Секој може и секој умее – Славица Тодорова

Марија, Драгана и Милена седат во паркот пред зградата и разговараат за претстојната изложба.

Марија: Се наближува крајот на училишната година. Траба да организираме изложба од нашите ликовни творби, ама некако да биде поинаква од претходните години.

Драгана: Знам, ајде да се здружиме со училиште за дечиња со посебни потреби !

Милена: Аман, Драгана, какви дечиња со посебни потреби, па тие не знаат ништо.

Драгана: Милена, не е така. Тие имаат посебни дарби, нивниот проблем е во тоа што не се доволно прифатени од околината, од таквите како тебе.

Марија: Ајде да не се расправаме, да посетиме едно училиште и да видиме која од вас е во право.

Децата одат во ПОУ „Иднина“

Влегуваат во една училница и кажуваат која е целта на нивната посета

Драгана: Здраво, ние сме ученици од ОУ Лазо Трповски. Треба да организираме завршно литературно-ликовно претставување во нашето училиште, само сакаме оваа година да ве вклучиме и вас!

Милена: Да, да, да ве вклучиме ама само ако знаете да направите нешто.

Стефан (ученик во ПОУ Иднина): Секако дека знаеме, ние имаме многу таленти, но, за жал, никој не сака да не види и да се заинтересира за нас.

Марија: Еве, ние веруваме во вас. Тука сме за да ни ги покажете вашите ликовни и, ако некој има, литературни творби. Или, уште подобро, ајде заедно да твориме на тема: Секое дете има иста права.

Ана (ученичка во ПОУ Иднина): Може, ајде заедно да твориме!

Учениците седнуваат во клупите и цртаат или пишуваат на зададената тема.

По одредено време, ги разгледуваат цртежите и ги читаат литературните творби. Марија, Драгана, па дури и Милена се воодушевени од нивните посебни другарчиња. Еве една од песничките што ја напишаа нивните врсници, песничката на Стефан:

Посебни сме, единствени

според нашите можности и дела

ви се обраќаме вам

но и на луѓето од земјата цела.

Сакаме да знаете дека и ние

имаме исти соништа и желби,

не сакаме да мислите дека сме поинакви

не сакаме никакви делби.

За секој човек љубов во срцата носиме,

ние сакаме само да сфатите сите

во најобичните секојдневни работи

и ние ги поминуваме дните.

Милена: Мене сега дури ми е и непријатно. Јас бев против тоа дека и вие имате некакви способности. Но, сега се уверив и ве молам, простете ми за мојата тврдоглавост.

Драгана: Да, Милена, секој човек има своја вредност, а тоа ќе го откриеме само ако луѓето ги гледаме со срцето, а не со очите и затворен ум!

Автор: Славица Тодорова