Индекс на инклузија

Во Обединетото Кралство бил развиен сет од материјали наречен индекс на инклузија (Booth et al., 2000) за да обезбеди, т.е. да се поткрепи процесот на инклузија во училиштата. Индексот бил дистрибуиран во 26 000 основни, средни и посебни училишта по иницијатива на Владата. Во овој сет од материјали се опфатени (опишани) три клучни области во детали коишто се однесуваат на:

– инклузивна култура

– инклузивна политика

– инклузивна практика.

Овие три области имаат прилично значајна релевантност за успешна инклузија, но исто така и за различните стилови за учење, бидејќи секој од нив има своја улога при помогањето успешно да се запазат потребите на индивидуите препознавајќи ги склоностите на индивидуите за учење во рамките на поставувањето на инклузивното образование.

Поимот инклузија во својата суштина содржи процес на менување, односно промени, и тоа е бескраен процес на создавање промени за подобрување на наставата и на вклученоста на сите ученици во наставните активности. Честопати овој поим се поистоветува со поимот интеграција, па затоа е неопходно да се направи дистинкција меѓу нив. Додека интеграцијата е само физичко преместување на учениците во амбиент на редовно училиште, инклузијата вклучува создавање услови во физичката средина за активно вклучување во тој амбиент. Додека интеграцијата претставува модерен концепт со хиерархиска структура во која се практикува универзален пристап во асимилацијата на индивидуата, инклузијата е постмодерен концепт со мрежна структура, со индивидуализиран пристап и идентификација на потребите на поединецот.

Автор: Славица Тодорова